Мјузиклот „ Зоне Замфирска “ – театар „Теразије“ во Белград
И оваа година, за учениците од ОСУ “ Св. Климент Охридски“ се изведе традиционалната дводневна екскурзија до Белград, односно посета на театарска претстава- мјузикл. Патувањето натаму ни помина во најдобар ред, исполнето со дружба, смеење и се разбира, многу малку спиење. Ведриот, млад дух и желбата да видиме што е можно повеќе, нѐ држеа будни.
Утрото го започнавме со шетање низ Калемегдан. Нѐ фасциниреше прекрасната глетка во која Белград сѐ има на дланка. И во хоризонтот се појавува Ушче – местото каде се соединуваат Дунав и Сава. Нѐ изненади големиот број експонати/оружја од времето на Првата светска војна кои потсетуваа на едно минато, темно време. Но, таа атмосфера добро се вклопи со облачниот ден. Небото скоро беше стежнато над нас, подготвено да истури, а по некоја случајност – нѐ поштеди.
По прошетката низ Калемегдан, се упативме кон улицата „Кнез Михајлова“. Старите, автентични градби се издигнуваа на двете страни од улицата. Кога ќе ги погледнеш градбите, чувствуваш како времето да застанало. За миг помислуваш божем си главен лик од некој добар стар филм. Впрочем, како да си во некоја добро зачувана, пастелна слика. Но, тоа чувство брзо се губи. Доволно е да погледнеш пред себе и те обзема забрзаноста и раздвиженоста на луѓето околу тебе. Вистински пример за голем град и незабележливо забрзано секојдневие. Секој брза да стигне таму каде што е тргнат и не гледа околу себе. Да си дел од тоа секојдневие, сигурно би било напорно, но, да си таму како набљудувач отстрана, е тоа е нешто друго.
По сместување во хотелот Славија и попладневиот одмор, следуваше театарската претстава. И само со првиот чекор во тој храм на културата, мислам дека сите бевме обземени од свеченоста и раскошот на секоја просторија. И вредеа сите мигови на чекање, бидејќи од почетокот до паузата, па сѐ до крајот, претставата беше хипнотизирачка. Да не сакаш да си дозволиш ни миг да трепнеш, не пак да ги оттргнеш очите од сцената. Мноштво од танци, песни и силно изразени емоции. Сите актери беа извонредни и на многу уникатен начин ги пренесоа и дејството и приказната. И секој еден момент беше совршено искористен. Немаше монотонија или пак досадни делови какви што многу очекуваат кога ќе го слушнат зборот „театар”. Напротив, владееше една енергија што не можеше да објасни во ниту еден контекст. Дефинитивно, присуството беше едно вредно искуство.
Ја проследивме безвременската претставата „Зона Замфирова”, каде во главните улоги беа Иван Босилчиќ во улогата на Мане и Ивана Поповиќ во улогата на Зона, богата девојка во која Мане бил заљубен. По завршетокот на претставата, ја имавме честа да го запознаеме Иван Босиљчиќ, а воедно и можност да му поставиме неколку прашања. Бевме воодушевени од неговата харизматичност, спонтаност и едноставност.
На прашањето: „Кој ве инспирира да станете глумец, односно која е личноста на којашто најмногу се огледувате?”, одговорот го започна со мала приказна за тоа како почнал со актерската кариера, а потоа откри дека личноста која го инспирира е Небојша Дугалиќ, кој го глумеше таткото на Зона и дека е горд што успеал конечно да се најде со него на иста сцена. На прашањето: „Како се справувате со силните емоции на женската публика?”, одговорот беше навистина инспиративен и почесен. Тој кажа дека во целата негова кариера не пресретнал публика, не само женска, која се однесувала недостојно и претерано. Дека секогаш бил гледан од квалитетна публика и е многу благодарен за тоа. На третото, и можеби најинтересно прашање : „Ако имате можност да одите на вечера со било кои тројца луѓе, мртви или живи, кои би биле тие?”, прво кажа дека еден од тие тројца би сакал да биде Достоевски, кој многу го инспирирал бидејќи и Иван лично пишувал. Кажа и дека би се плашел од разговорот со него, бидејќи според него, тој бил еден од најголемите книжевни умови.
Втората личност беше Тоше Проески, избор за кој заслужува огромна почит. Кажа дека навистина жали што никогаш не успеал да го запознае. За третата личност малку се замисли, но потоа одлучно рече дека то би бил Путин. Посочи дека многу ја сака и се воодушевува од руската култура, која уште повеќе ја засакал откако почнал да глуми во руски филмови. По интервјуто, му подаривме еден скромен подарок кој ни го овозможи Cooper-art, односно Даниела Наумоска, бакрорез со ликот на охридскиот патрон Св. Климент Охридски. Вечерта и следниот ден сите делевме впечатоци за претставата и можам да кажам дека скоро сите, ако не и сите, бевме длабоко фасцинирани и воодушевени од неа.
Наредниот ден ги посетивме Храмот „ Св. Сава“ и Спомен – куќата на нобеловецот Иво Андриќ. „Св. Сава“ е најголемата црква на Балканот, но зборот најголема не е ни блиску доволен за да ја опише во целост.
Спомен – куќата на нобеловецот Иво Андриќ ни остави интересен впечаток. Внатре имаше дел оставен ист каков што бил кога писателот живеел таму. А во друга просторија беа сите негови награди и признанија, како и Нобеловата награда за литература, која ја добил во 1961.
Подготвиле: Огнен Секулоски и Мила Коруноска I-6
Извадокот на дел од интервјуто