Учениците од Oхридската гимназија во посета на Холандија

Група од 25 ученици од Oпштинското средно училиште „Св. Климент Охридски“, под менторство на професорките Вера Јовческа и Даниела Спироска, ја посетија Холандија во склоп на културната размена со училиште во градот Апелдорн. Со оваа посета се заокружи проектот за размена на ученици со училиштето КСГ од Апелдорн, чија група го посети нашето училиште минатата година.

За време на посетата од 14ти до 19ти април, која беше од едукативно-забавен карактер, учениците имаа можност да посетат многу музеи, историски градби и значајни градови, како и подобро да се запознаат со животот во Холандија, преку престој во семејства. За време на посетата на холандскиот музеј на отворено, учениците видоа градби од различни временски периоди и се запознаа со професии кои биле актуелни во минатото.

Учениците исто така имаа можност да го посетат мостот „Џон Фрост“ , кој е познат по настан од Втората светска војна, за кој е снимен филм.

Еден ден од посетата беше резервиран за посета на Амстердам, каде што беше организирана тура со брод низ познатите канали, како и тура низ градот и најважните знаменитости, меѓу кои и музејот Ријкс.

Во него учениците ги водоа и делата на Ван Гог и Рембрант. Следниот ден беа посетени гратчињата Бронкхорст, Цутфен и Девентер каде учениците се запознаа со механизмот на мелница за брашно која работи во склоп на ветерница, како и со автентичната градска архитектура. Последниот ден беше организирано искачување по дрва во парк со посебни патеки, јажиња и други реквизити, како и посета на училиштето во Апелдорн. Ваквите размени се добри затоа што за многу краток временски период учениците имаат можност да посетат многу нови места и да ги прошират своите знаења од историја, географија, уметност, странски јазици, да се запознаат со обичаите, начинот на живот на други народи, како и знаменитостите, законите и образовниот систем на државата која ја посетуваат.