Во рамки на програмата Еразмус + како дел од проектот „ Connecting Schools Across Borders 2018-2020“ ученици и професори од нашето училиште ОСУ „Св.Климент Охридски” беа во посета на Апелдорн, Холандија како гости на училиштето КСГ (KSG, de Koninklijke Scholengemeenschap).
Целта на овој проект е да се редефинира меѓународната соработка во Европа преку размена и зајакнување на искуствата помеѓу учениците, вработените и училиштата. Ова стратешко партнерство се состои од 6 училишта од Полска, Германија, Шпанија, Бугарија и Холандија. Со учество во овој проект учениците се стекнуваат со знаења за Европската Унија, начинот на работа на Европскиот парламент, анализираат предизвици и проблеми со кои ЕУ се соочува денес и дискутираат за можни решенија развивајќи ги вештините за дискусија, дебатирање и пишување на англиски јазик. Истовремено за професорите се организираат обуки за размена на искуства во насока на професионален развој.
Во периодот од 15 до 22 фебруари во Апелдорн престојуваа нашите ученици од ОСУ ,,Св.Климент Охридски” заедно со професорките Вера Јовческа, Светлана Огненова и координаторот на проектот проф. Даниела Спироска.
Посетата која беше од работен карактер започна со избирање на официјално лого на Собранието од земјите учесници, а честа да победи најдоброто со изгласување и припадна на делегацијата од нашето училиште. Учениците: Aна Бошалеска, Љупка Каланоска, Теодор Тасевски, Марија Аврамоска, Валентино Ивановски, Елена Балеска, Бојана Трајкова, Јана Гаџовска, Мила Коруноска, Михаил Талев и Огнен Секулоски, поделени во 6 комитети работеа на однапред поставени теми под надзор на своите професори-кординатори, а на крајот од работната сесија секој од комитетите достави Резолуција во однос на својата тема.
Резулуциите беа претставени во рамките на Собранието на Младинскиот европски училишен парламент (YESP) .
Во рамките на оваа посета се реализира и патување во градот Амстердам каде низ интересна прошетка насловена како предизвик учениците ги запознаа убавините и историјата на градот. Проектот продолжува и во наредниот период до 2020 година.