Прекин на врската помеѓу Студенчишко Блато и Охридско Езеро, создавање на нелегални диви депонии, еколошки чисто градско јадро за чување културни вредности, заштита на градското јадро, нефункционирање на колекторот, спречување на загадување на реките и езерото, очила со скенер за артефакти, најмладите се нашата иднина – да посветиме повеќе внимание на едуцирање на учениците, ако не можеш да создадеш, не уништувај се дел од темите на кои работеа младите ученици од четирите средни училишта во Охрид во рамките на проектот „Поддршка на иницијативи предводени од млади за заштита и одржлив развој на Светското наследство на УНЕСКО Охридско Езеро“.
Во рамките на проектот преку работилници и теренски посети, учениците се запознаа со важноста на тоа да се заштитува природата и другите вредности на секој можен начин, одржливиот развој и заштитата на природните вредности на Охридскиот регион, правилното и одржливо управување со водните ресурси заради заштита на биодиверзитетот, но и начинот на изработка на кампања за подигнување на јавната свест, како и примери за граѓански активизам. Проектот е реализиран од Центарот за ресурси во животна средина (РЕЦ) во рамките на Програмата за партиципација со УНЕСКО за 2020 – 2021 година, со средства управувани од страна на Националната комисија за УНЕСКО при Министерството за култура на Република Северна Македонија.
На завршниот настан кој се одржа на 30.03.2022 година во црквата „Св. Софија“ – Охрид, претставници на ОСУ „Св. Климент Охридски“ беа учениците од втора година настапувајќи под името „Млади активисти“ кои воедно освоија втора награда за претставениот проект. Овој тим го сочинуваа: Меланија Кукоска, Наталија Савеска, Снежe Змејкоска, Младен Стаматоски и Андреј Јузмески предводени од нивниот ментор професор Григор Ангеличин – Жура, а нивна цел во оваа кампања беше поттикнување на еколошката свест кај ученици од основни училишта, запознавање со еколошките проблеми создадени од активните илегални депонии во градот Охрид и околината и преку забавна програма (презентација и квиз) да се потикне желба кај учениците како свесни граѓани во општеството за преземање на еколошки акции за подобар живот во општеството ( почиста средина). Нивни целни групи беа учениците од основните училишта, нивните семејства и пријатели, и директно влијание врз јавните установи задолжени за животната средина.
Останати тимови кои учествуваа во овој проект од ОСУ „Св. Климент Охридски“ беа учениците од трета година поделени во два тима, а тоа се тимот „Old Timers“ составен од членовите: Маја Наумоска, Емилија Чекреџи, Елена Лангоска, Ема Тасеска, Марио Јакимовски, Бојан Спасеновски и тимот „Хелио“ составен од членовите: Евгенија Цветаноска, Мартин Темелкоски, Миа Спироска, Александар Трпески и Антонио Стаматоски предводени од нивните ментори професорите Славица Кичеец, Менка Ѓореска и Михаил Патчев.