
Стефанија Вељаноска и Бојан Спасеновски се ученици во нашата Гимназија. Покрај тоа што се вредни и исполнителни во училишните активности, тие се и спортисти кои се занимаваат со еден интересен спорт. Имено, и двајцата се занимаваат со стрелаштво. Стефанија е член во СК „Охрид“, а Бојан во ЖСК „Лихнидос“.
Во ова кратка сторија , тие раскажуваат за своите почетоци и успесите кои ги нижат. „Започнав со стрелаштво на почетокот на 2022 година, кога станав член на СК „Охрид“, го започнува своето претставување Стефанија. „ На второто мое натпреварување на државното првенство во дисциплина воздушен пиштол ја зазедов вицешампионската позиција со 502 круга, па на следното натпреварување во Сандански, Бугарија исто така се закитив со сребрен медал. На вториот куп на меѓународна програма кој се одржа во Охрид ја зазедов првата позиција во екипен пласман. Неколку месеци по тој натпревар бев третопласирана на меѓународниот натпревар во Благоевград, Бугарија. Ова е само мојот почеток. И во периодот што доаѓа, ќе работам на тоа да продолжат овие успеси и во наредните натпреварувања.“
Бојан Спасеновски започнал со стрелаштво во 2017 година, кога станал член на стрелачкиот клуб ЖСК “ Лихнидос”. „Од самите почетоци почнав да нижам успеси, така што на третиот натпревар во национална програма, во гаѓање со воздушна пушка се пласирав на втората позиција со 172 кругови. Кариерата на националната програма ја завршив со резултат од 187 кругови, како државен првак и рекордер, рекорд којшто тешко ќе може да биде соборен во наредните години. Почетокот на меѓународна програма (2020 год.) ја започнав со прво место, со резултат од 594.0 кругови на државното првенство. По ова државно првенство, па сè досега сум во стрелачката репрезентација на Македонија. Од тој момент, па натака на секое државно првенство освојувам прво или второ место. Сум освоил вкупно три медали од кои еден златен и два сребрени. Исто така имам учествувано на интернационални натпреварувања во Србија, Бугарија и Босна и Херцеговина, каде најзначаен успех постигнав во Сараево во екипен пласман со освоено второ место. Имам освоено голем број награди во Бугарија, односно вкупно седум медали, од кои два пати бев првопласиран, еднаш второпласиран и четири пати третопласиран. Покрај овие натпревари преостануваат уште три интернационални натпреварувања до крајов на годинава, во Загреб, Белград и Осијек каде се надевам на одличен пласман“ , го заврши своето претставување Бојан.
Им ги честитаме овие успеси на нашите Стефанија и Бојан и им посакуваме добар пласман во нивните понатамошни натпреварувања.



