
Стручниот актив по историја, во рамките на годишната програма за работа, на ден 24.04.2023, заедно со ученици од I, II и III година, реализира еднодневна екскурзија од научно – едукативен карактер. Целта на екскурзијата беше да се посетат спомен – обележјата и вечните почивалишта на војводите од илинденската епопеја, Христо Узунов и Методи Патчев, како и посета на градот под Марковите кули, Прилеп и ,,конзулска” Битола.
По повод 118 годишнината од гибелта на охридскиот учител и војвода Христо Узунов, во демирхисарското село Цер, беше положено спомен-цвеќе и оддадена почит пред бистата на војводата и гробовите на неговите соборци, во спомен на нивната заедничка смрт, на 24.04.1905 година.
Следуваше посета на прилепското Кадино село, каде што во дворот на црквата ,,Св. Богородица”, се наоѓаат гробовите на војводата Методи Патчев и на комитите од неговата чета. Пред надгробната плоча, подигната од страна на охридската гимназија во 1972 година, беше положено спомен-цвеќе и оддадена почит кон покојниците, а потоа учениците имаа можност да ги видат и остатоците од ,,кулата”, во која на 07.04.1902, војводата и четниците здружено си ги одзеле животите.
По Кадино село, следуваше посета на градот Прилеп, каде што учениците се запознаа со историјата на градот и ги разгледаа историските обележја во централното градско подрачје.
Последниот дел од оваа екскурзија беше наменет за посета на изложената поставка на историско-артилериско оружје, во дворот на музејот во Битола, како и неизбежниот битолски ,,Широк сокак”.





