
Минатата седмица, под раководство на професорките Надица Николоска Филипоски и
Александра Томоска, 12 наши ученици од прва, втора и трета година, учествуваа на првата
онлајн средба на новиот проект “Go green, include me in” на кој партнери ќе ни бидат
средни училишта од Белгија, Турција и Шпанија.
Како што кажува самиот наслов, проектот е посветен на зелените гестови и поттикнување
да се заштити животната средина со цел да се спречат климатските промени , чии
последици, за жал, ни стануваат секојдневие. Проектот подразбира и инклузија на
ученици со образовни потреби поинакви од останатите ученици.
Секое училиште, ќе работи на една тема карактеристична за градот и регионот. Па така,
нашите учесници ќе ја обработуваат темата “Влијание на климатските промени врз
водените површини” каде што во центарот ќе биде нашето Охридско езеро и креативни
гестови за негова заштита.
Партнерите од Изегем, Белгија доаѓаат од техничко средно училиште. Тие ќе ги
обработуваат предностите и недостатоците од сите извори на енергија додека партнерите
од Агилас, Шпанија ќе понудат “зелени” решенија во склоп на циркуларната економија
која значи отстапување од традиционалниот, линеарен економски модел, кој се заснова
на принципот земи-направи-потроши-фрли.
Партнерите од Турција ни доаѓаат од средно медицинско училиште. Тие ќе се посветат на
влијанијата на климатските промени врз нашето здравје и како тие да се спречат.
Работејќи посветено на својата тема, секое партнер училиште ќе придонесе успешна
реализација на овој проект со кој се надеваме дека барем малку ќе повлијаеме на нашата
околина и ќе ја подигнеме свеста за влијанијата на климатските промени и колку малите
еко-гестови можат да го променат тоа.
Работиме одговорно и посветено за што сведочи и досегашниот успех и бројот на
реализирани Erasmus+ проекти кои ја вбројуваат нашата Гимназија меѓу посакуваните
партнери за соработка.


