
На убавиот христијански празник Вера, Надеж, Љубов и мајката Софија, учениците Сара Петкоска, Кјара Лазаревска и Наталија Секулоска под ментортво на професорот по Македонски јазик и литература, м-р Перчо Божиновски учествуваа на 4. Детска поетска манифестација „Детски гласови 2023“ во Ресен, организирана од Здружение за граѓанска иницијатива во културата „ЖАР ПРЕСПА Ресен“.
Младите поети како дел од збирката поетски творби постигнаа резултати достојни за почит и се закитија со следните награди:
Сара Петкоска (III-3) – Пофалница за прво место со песната „Татковината во срцата, во душите и во мислите“, пехар и ваучер за викенд во Преспа.
Кјара Лазаревска (IV-1) – Пофалница за млад талент за творење со песната „Овената роза“.
Наталија Секулоска (IV-1) – Благодарница за учество со песната „Долговековност“.
„Големината е во нашата сила,
со која ја чуваме Татковинава, Македонијо наша мила.“
(Од „Татковината во срцата, во душите и во мислите“)
„Жалам ангелу мој непреболен,
твоите рози овенаа заедно со твојот живот.“
(Од „Овената роза“)
„Колку ли само поети пробале охридските води
да ги испишат со своите мастила на парче хартија?“
(Од „Долговековност“)
Пред поетското рецитирање имаше прекрасно дружење на поетите и менторите во преубавиот манастир „Свети Наум“ во с. Болно и заедничко искажување на пораката со цветната штафета на мирот.
Жарчињата стихови напишани на убавиот македонски јазик од детските гласови се визија која тлее кај младите поети кога сонуваат со отворени очи за свет во кој природата буди чувства чисти како солза, а душата им е богата како најголемото азно на цивилизацијата.




