Втора награда за Сара Петкоска на литературен конкурс за Рацин

Втора награда на гимназијалката Сара Петкоска (III-3) под менторство на проф. м-р Перчо Божиновски на литературниот конкурс на тема: Белите мугри – претставени во очите на Рацин, во категоријата средно образование.

,,…Да ја оживееме светлата порака од „Бели мугри“, како и жолтата гостинка кај Ленка, уште еднаш да ги преживееме тешките денови на аргатите, да ја почувствуваме секоја капка пот на тутуноберачите, сон недосонет, кошула недоткаена, младост земјосана, мугри бели ко очајнички грч и остар протест, прва изгора и каракамен на гради…

Со еден збор големиот Рацин – предодреден да стане народен трибун и ѕвезда водилка, човек-титан задоен со сите рани на родот македонски, јазикот македонски…”

Наградниот конкурс за сите ученици од Македонија беше распишан од Сојузот на просветните работници на Република Македонија по повод 115 години од раѓањето на македонскиот револуционер и познат голем наш поет, Кочо Рацин, како и 80 години од неговата смрт.

Добитниците ги добиваат следните награди: диплома за ученикот, признание за менторот и благодарница за училиштето, како и пригодни подароци од организаторот.

Да бидеме крик Рацинов на национална отпорност и народна жилавост!