Еко проект ги однесе нашите ученици во Белгија

Во рамките на проектот “Go green, include me in!” координиран од
Белгија, заедно со партнер училишта од Турција и Шпанија, наш тим составен од
учениците: Јован Василевски, Димитар Гашоски, Лора Ристеска и Тамара Парулеска
придружувани од професорките Александра Томоска и Надица Николоска Филипоски,
успешно ја реализираа првата мобилност во Изегем, Белгија во период од 1 до 6
октомври 2023 година.
Активностите на оваа мобилност беа фокусирани на обновливите енергии како еко-
алтернатива во борба против климатските промени и тоа енергија од горивни ќелии и
водород, ветер и сончева енергија. Па така, учесниците, покрај другото, имаа можност да
посетат фарма со ветерници и да се запознаат со нејзиното функционирање.
На предавањето организирано на универзитетот во Бриж, учесниците се запознаа со
концептот ПEM или горивни ќелии со полимерна електролитна мембрана т.е. употреба на
водород како еко гориво на иднината.
За време на активностите во работилниците организирани од училиштето домаќин,
учесниците изработуваа елементи за поврзување на соларен панел, кои самите имаа
можност да ги тестираат во практика.
Покрај работниот дел на мобилноста, неизбежен беше и културниот момент. Со посета на
повеќе градови секој посебен на свој начин, учесниците имаа можност да слушнат, видат
и научат за историјата на Бриж, за разурнувањето на Ипер, за важноста на Остенде како
поморски центар на државата.
Затоа што покрај екологија, една од целите на проектот е и инклузија, мобилноста беше
збогатена со присуството на двата OKAN класови каде што учат ученици мигранти како и
еден ученик со хендикеп. Сите беа еднакви во спасување на планетата со иновативни еко-
идеи. Културолошката размена беше на високо ниво преку дружба, учење на по некој
збор од сите јазици на учесниците, музика и се разбира, сè тоа придружено од познатите
белгиски специјалитети помфрит и вафли.
Секако, неизбежна беше и посетата на главниот град Брисел каде што учесниците уживаа
во спојот на историјата, културата и традиција со модерното време.