Работилница на тема „Емоционална интелигенција и здрави врски“

Во соработка со здружението Аква од Струга и поддржано од Амбасадата на Кралство Холандија на 15 март се одржа работилница на тема „Емоционална интелигенција и здрави врски“, водена од психолог Алберта Гулицовска.

Работа на себе и својата емоционална писменост и зајакнување на емпатијата е особено важно, ако се знае дека таа, како готов образец се пренесува трансгенерациски на идните поколенија.

Целите на работилницата беа усвојување одредени стратегии и техники за подобар контакт со себе, усвојување алатки за регулација на освестените чувства, обработка на емоциите, начините на нивно контролирање и нивното адекватно изразување, правење разлика помеѓу функционални и дисфункционални емоционални реакции , како би правеле поздрави избори и подобриле односи што ги градат со другите луѓе во различни области од животот.

Покрај тоа, во контекст на градење на здрави врски, вежбаа да разликуваат манипулативна од здрава врска и да препознаат навредливо однесување на партнерите. Заштита од емоционална манипулација е најдобрата превенција на менталното здравје кај младите.

Конечно, гимназијалците имаа прилика да ги тестираат своите емоционални компетенции преку краток онлајн прашалник. Темата побуди голем интерес, така што по теоретскиот дел уследија бројни прашања од учениците и се разви богата дебата.