Конкурс за ECHOSET – нов одобрен Ерасмус+ проект на Oхридската гимназија

Охридската гимназија во новата учебна година 2019/2020, влегува со еден новоодобрен Ерасмус+ проект. Станува збор за Опфаќање на културното наследство на малите европски градови (Encompassing Cultural Heritage Of Small European Towns; ECHOSET).

ECHOSET e проект во кој се вклучени 6 училишта, од Полска, Хрватска, Македонија, Шпанија, Латвија и Германија, од многу различни средини, но заеднично на сите им е дека се од мали европски градови. Таа навидум неповолна положба влијае на развој на самопочитувањето, идниот избор на студии и професионална ориентација, што со овој проект сакаме да го смениме и овозможиме на нашите ученици квалитетно неформално и интеркултурално учење. Проектот е од интердисциплинарна природа и во него вклучуваме повеќе предмети како англиски и македонски јазик, историја, географија, математика, етика, социологија, психологија, уметностите. Главна цел на проектот е поттикнување и наведување на учениците да ја истражуваат локалната традиција, занаетите, храната, песни, фолклорот, легендите и слично за да ги презентираат едни на другите и на пошироката јавност како вредности на европското културно наследство. За спроведување на проектот Европската комисија одобри вкупно 186,222 евра, од кои на охридската гимназија 30,300 евра во денарска противвредност. Проектот ќе трае 2 школски години, а ќе се реализира низ 6 мобилности на кои ќе патуваат по 4 ученици и по 2 наставници од секое партнер училиште.

КОНКУРС

За потребите на проектот заинтересираните ученици да се пријават кај координаторот на проектот – психолог Алберта Гулицовска – за I фаза од проектот (Хрватска):

  • 4 ученички од II или III година
  • мотивирани да учествуваат и примат во својот дом учесници во проектот од другите држави
  • одличен успех и примерно поведение  претходните години
  • солидно познавање на англискиот јазик
  • поседување информатички вештини од сфера на графички дизајн

Рокот за пријавување е најдоцна до 17.10.2019 год. Интервју со пријавените кандидати на 18.10.2019 год.

За другите фази од проектот дополнително ќе бидат објавени конкурс и критериуми за уште 20 ученици од I до III година.