Иновации во образованието – Преку роботика до одржлива иднина со Erasmus+

        Завршивме уште една Еразмус+ мобилност со силен фокус на IoT (Интернет на нештата) и IoRT (Интернет на роботизирани нешта), каде што учениците од нашето училиште имаа ретка можност да ја доживеат технологијата во пракса и да ја разберат нејзината улога во современото образование и еколошката свест.

Гостувањето во Национално средно училиште ,,Silvania“ во Залау, Романија од 12–16 мај 2025 г. беше вистинска tech-одисеја. Го посетивме Club CNAPSYS, каде што учениците работеа со 3D принтери, програмираа роботи кои препознаваат и фрлаат отпадоци и имплементираа Home Assistant системи за енергетска ефикасност во училниците.
Сензорите  за CO₂, интелигентни џојстици и паметна автоматизација беа само дел од работилниците што нè поттикнаа да размислуваме надвор од традиционалните рамки.

На Факултетот за инженеринг и технолошки менаџмент учениците учеа директно од универзитетски професори и работеа на роботски решенија применливи во индустријата, а посебен впечаток остави и соработката со индустрискиот партнер Tenaris.

Прошетките низ паметните улици на Орадеа, интеракцијата со локалните STEM клубови и посетата на Градината на змејовите беа идеална можност за интеркултурна размена и одмор во природа – со пикник, ботанички истражувања и нови пријателства.

Мобилноста заврши со практична дигитална работилница и доделување  сертификати, но за нас ова не беше крај – туку нов почеток за имплементација на наученото во нашата училишна средина. Со нови идеи, мотивација и технологии – продолжуваме да градиме паметно, одржливо и отворено образование за сите!