Ученици од ОСУ „Св. Климент Охридски“ – Охрид учествуваат во едукативно-креативната работилница која е дел од проектот „Светлосни приказни“ – кога уметноста, технологијата и светлината стануваат едно.
Работилницата се одржа од 8 до 10 октомври 2025 година, во соработка со уметницата Софија Грабулоска и ментор од Гимназијата проф. Катерина Слатиноска . Во неа учествуваа 10 ученици од нашата Гимназија, кои имаа можност да се запознаат со современи уметнички практики и нови технологии.
Преку интерактивен и практичен пристап, учениците учеа за видео-мапирање, дигитализација и AI-анимација, како и за начини на поврзување на уметничкиот израз со технолошките алатки. Работилницата им овозможи да ја развијат својата креативност, тимска работа и дигитална писменост и да создадат сопствени визуелни решенија кои ќе бидат вклучени во финалната изложба „Светлосни приказни“ од авторите Софија Грабулоска, Дарко Талески, Кристијан Томан во Центарот за култура „Браќа Миладиновци“ – Струга.
Изложбата ќе се одржи на 18 октомври 2025 година во 19:00 часот, и претставува иновативен уметнички проект кој ги поврзува современата уметност, технологијата и вештачката интелигенција преку видео-проекции и дигитална анимација. Трите видео-инсталации ќе ги оживеат фасадите и внатрешните простори на Центарот за култура, претворајќи ја Струга во сцена на интерактивно аудиовизуелно доживување.
Нашите ученици со своите дела ќе бидат дел од оваа уникатна поставка, што претставува вредно искуство и поттик за нивниот понатамошен уметнички и личен развој.
Со вакви проекти, Гимназијата „Св. Климент Охридски“ продолжува да ги поддржува иницијативите кои ги спојуваат образованието, креативноста и современите технологии, подготвувајќи ги младите за иднината во која уметноста и науката се надополнуваат и инспирираат една со друга.





