Во средата, 24.12.2025, охриѓани уживаа во спектакуларното 3Д мапинг музичко-сценско шоу „Ехото на Охрид“, поставено на фасадата на нашата Гимназија. Под режиска палка на Илија Пиперкоски, со видео-анимации од Јовица Смилески и Милчо Узунов, зградата се претвори во жива сцена преку динамични светлосни ефекти, оригинални 3Д секвенци и музика.
Со помош на два професионални проектори од 30.000 лумени, столбовите на Гимназијата станаа „стебла на животот“, прозорците се отвораа како портали кон ѕвездено небо, а целата фасада пулсираше во ритамот на звукот. Историската неокласична архитектура служеше како симболично „платно на минатото“ што, преку современата дигитална уметност, се трансформираше во „портал кон иднината“.
„Ова е визуелно-музичка експресија што го слави моментот и просторот“, порача Пиперкоски по завршувањето на настанот.



