Еразмус авантура на гимназијалците во Шпанија: Тапаси, фламенко и незаборавни моменти

Домаќин на последната мобилност на Еразмус+ проектот ,,Europe: We are the colors of the rainbow” 2024-ES-KA210-SCH-E684DA4A, беше Colegio San Juan y San Pablo од Иби, Аликанте, Шпанија.

Во овој проект за културното наследство и УНЕСКО вредностите, покрај Македонија, учествуваат Италија, Грција и Турција, а во богатата програма учество зедоа ученици од нашата Гимназија: Андреа Влаќеска, Јована Крстаноска и Калин Христов, во придружба на психолог Алберта Гулицовска и проф. Михаил Патчев, Преку активности од ликовната уметност –создавање уметничка инсталација, се обележа дел од традиција на фестивал на огнот наречен Фаљас. Елс Енфаринатс е повеќевековна традиција која се практикува во Иби, Аликанте, Валенсија со векови. Оваа прослава ги спојува елементите на карневалите и сатирите за да создаде едно уникатно искуство. Оваа традиција на празникот на огнот, наречен Фаљас, се одржува во пиринејските планински села и потекнува од традицијата на заблагодарување на боговите за жетвата. Огнот го симболизирал сонцето. Тој се носи со помош на пламени факли од планините за да се запали традиционално изградената клада со што започнуваат фестивалите со кои се благословуваат и чистат полињата и се штитат луѓето со бркање на злите духови.

Музичка уметничка традиција – фолкорни танци, меѓусебно запознавање и зближување на тимовите се одвиваше во текот на  посетите на најважните културно историски и туристички локалитети низ Валенсија, Елче и Аликанте.

Валенсија е третиот по големина град во Кралството Шпанија, а нејзиното име означува сила/вредност, еден од најубавите градови во Шпанија со медитеранска атмосфера. Ги посетивме најубавите улици и булевари на градот, мостовите над исушеното корито на реката Туриа. Град на науките и уметности, архитектонски комплекс на познатиот архитект Сантјаго Калатрава како Океанариумот, Палау де ла Музика, Пуенте де лас Флорес, паркот Гуливер, порта-кула Торрес де Серано и Торрес де Кварт.

Шармантното гратче Елче во близина на Аликанте најпознато е по најголемиот дрворед на палми на светот, како и мистериозната Дама од Елче, статуетка од V век пред новата ера.

Патувањето низ Аликанте го започнавме покрај морето и прошетка долж прочуената Еспланада поплочена со брановидни, шарени мозаици, потоа неговиот најстар дел – областа Санта Круз. Овој живописен лавиринт од тесни улички од калдрма, стрмни скали и шарени куќи украсени со цвеќиња се наоѓа на падините на планината Бенакантил, под импресивната тврдина Кастиљо де Санта Барбара. Излетот го завршивме со посета на Музеј Фогерас.