Учество на нашите ученици на интернационалниот 48 часовен Game jam хакатон

Од 14-16 октомври, тимот на нашата Гимназија составен од учениците Ајан Бајрамовски, Филип Вичороски, Гораст Палоски, Ева Китрозоска, Марио Ивановски и Јоана Јоноска под водство на професорката Елизабета Левеска учествуваа на интернационалниот настан – 48 часовен Game Jam хакатон, кој се одржа во Kasarna HUB во Охрид. Настанот се организираше со цел да се промовира развивањето на дигитални игри и да се поддржат сите оние кои креираат или имаат желба да научат да креираат дигитални игри. Еден од најинтересните моменти е токму тоа што во хакатонот учествуваат искусни девелопери, но и оние кои немаат никакво претходно знаење. „Не е лесно во два дена да се создаде игра „од нула“, особено кога за тоа немате искуство“ – велат учениците. За тоа колку е развојот на игри отворен за нови перспективи говори фактот што учениците многу добро се снајдоа во својот тим, иако пред овој Game Jam немаа никакво искуство во создавање на игри. Особено е важно понекогаш да се излезе од сопствената зона на комфор и да се испроба сето она што ве интересира. Секој ученик во тимот имаше своја задача, секој беше подеднакво значаен дел од тимот било како артист ( дизајнирање, цртање, создавање приказна, музика) или девелопер. Секој придонесе на свој начин и секој имаше чувство дека е дел од приказната наречена дигитална игра. Едни работеа на графички дизајн, други беа webpage developer, трети на скрипти, четврти беа презентери. Ова само покажува дека во секое game dev студио потребни се луѓе кои не мора да бидат искусни програмери, бидејќи во индустријата која зависи токму од креативноста можете да дадете придонес и со добра идеја. Ова е начинот на кој функционираат тимовите кои работат на проекти, мали или големи.