Успешен едукативен семинар на тема: „Демократијата и Собранието”

На 22 Април 2024 год. нашите ученици од ll година, Андреј Маркоски, Климент Симоноски, Бисера Вранишкоска и Ангела Ѓоршеска, заедно со професорот Јане Богоески, имаа можност да земат учество на еднодневниот едукативен семинар на тема: „Демократијата и Собранието” во организација на Едукативниот центар на Парламентарниот институт одржан во Собранието на Република Македонија во Скопје.
Семинарот започна со организирана обиколка низ свечениот дел на зградата на Собранието преку која учесниците имаа можност одблиску да го запознаат просторот во кој работат пратениците. Преку содржини прилагодени на нивната возраст, учениците ги проширија своите знаења за парламентарната демократија и нејзиниот историски развој во Македонија, научија повеќе за работата на Собранието, изборот на народните претставници, донесувањето на законите и други слични теми. Низ семинарот преовладуваше интерактивниот пристап, што значеше вклучување на учениците во дијалогот и дебатата како два стила на јавна расправа, со што им се овозможи да ги развијат своите комуникациски, преговарачки и реторички вештини. За време на последната сесија, низ едукативна игра се направи рекапитулација на семинарот.
Интересно и незаборавно искуство!