Во вторникот, на 7 април, нашето училиште имаше чест да биде домаќин на деветоодделенците од ООУ „Христо Узунов“, кои со љубопитност и ентузијазам го посетија кабинетот по Биологија и присуствуваа на наставен час.
Целта на посетата беше учениците одблиску да се запознаат со наставата по Биологија, како и со современите услови за работа што ги нуди нашето училиште. Преку интерактивен пристап, тие добија увид во наставната програма по Биологија во сите четири години, откривајќи како знаењето постепено се надградува и продлабочува. Дополнително, беа информирани и за богатата понуда на воннаставни активности, како што се еко-секции, натпревари и едукативни работилници, кои овозможуваат практична примена на стекнатите знаења.
Во рамки на посетата, учениците имаа можност да се запознаат со различни наставни помагала и модели, кои ја прават наставата по Биологија уште поинтересна и подостапна. Посебен интерес предизвика практичниот дел, каде што тие набљудуваа препарати под микроскоп, откривајќи го фасцинантниот микросвет кој често останува невидлив за човечкото око.
Посетата помина во пријатна, инспиративна и работна атмосфера, исполнета со прашања, дискусии и нови сознанија. Учениците заминаа со позитивни впечатоци, збогатени со нови знаења и мотивирани за понатамошно истражување на природните науки.


