Дарио Павлески – Првенец на генерацијата

Дарио Павлески оваа година заслужено ја понесе титулата Првенец на генерацијата – признание што му припадна како резултат на неговиот труд, дисциплина, континуирани успеси и високи човечки вредности.

Нашиот Дарио е доказ за народната поговорка „тивка вода брег рони“. Со својата смиреност и ненаметливост, тој повеќе од успешно ги помина сите четири години од гимназиското образование, постигнувајќи врвни резултати и освојувајќи бројни престижни награди, притоа останувајќи доследен на својата скромна и посветена природа.

Во текот на своето школување, Дарио постигна импресивни резултати на повеќе натпревари и олимпијади. Освои две втори награди на државни натпревари по физика во прва и втора година, како и две трети награди во трета и четврта година. Особено се издвојува и неговиот успех на меѓународно ниво, каде што доби златна награда на онлајн олимпијадата IYMC, како и втора награда на Балканската експериментална олимпијада по физика. Дополнително, Дарио учествуваше во тимот кој освои прво место на хакатон организиран од ФЕИТ.

Покрај академските постигнувања, Дарио го опишуваат и неговите интереси и љубопитност надвор од училницата — дружење со пријатели, интерес за филмови, готвење и секојдневно учење преку искуство.

Она што дополнително го прави посебен е тоа што тој не поседува само интелектуални, туку и силни човечки вредности, со кои ќе остане запаметен и искрено сакан од своите соученици.

По завршувањето на средното образование, тој планира да го продолжи своето образование на Електротехнички факултет, со што го продолжува својот пат кон уште поголеми успеси.

Честитки до Дарио за заслуженото признание. Нека ова биде само почеток на уште многу успеси, знаења и достигнувања во иднина.

Исто така, честитки и за другите ученици кои беа номинирани за ова признание: Елена Стојоска, Илија Волканоски, Софија и Евгенија Ставреви.

Браво Дарио! Браво Илија и Елена, Софија и Евгенија!