Во организација на Младинската заедница при ОСУ „Св. Климент Охридски“ – Охрид, а во рамките на кампањата „Јас се грижам!“ и по повод одбележувањето на месец февруари – месецот на ретките болести, денеска во училишната библиотека се одржа работилница за знаковен јазик.
Работилницата се реализираше во соработка со Здружението за глуви и наглуви лица – Охрид, чии претставници преку практични примери и интерактивен пристап ги запознаа учениците со основите на знаковниот јазик и со значењето на правилната и почитувачка комуникација со лицата со оштетен слух.
Учениците имаа можност да научат основни знаци и изрази, да поставуваат прашања и активно да учествуваат во вежби кои им помогнаа подобро да го разберат светот на глувите и наглувите лица. Особено силна порака од работилницата беше дека глувите луѓе се исти како сите други – со исти соништа, способности, таленти и желби – и дека единствената разлика е во начинот на комуникација.
Преку оваа активност, младите развија поголема емпатија, разбирање и почит кон различностите, сфаќајќи дека инклузивноста започнува од секој од нас. Со ваквите настани, Младинската заедница продолжува активно да гради средина во која секој ученик се чувствува прифатен, слушнат и вреднува.











