На 7 април нашето училиште имаше чест да биде домаќин на ученици од ООУ „Христо Узунов“, кои присуствуваа на час по Филозофија во рамките на деновите за промоција на Гимназијата. Во пријатна и инспиративна атмосфера, деветтоодделенците беа воведени во светот на филозофијата – дисциплина која со векови претставува темел на сите науки и поттик за критичко размислување.
Во рамки на часот беше реализирана интерактивна работилница инспирирана од мислата на античкиот филозоф Епикур: „Целта на филозофијата е среќен живот“. Преку разговор, размена на идеи и лични ставови, учениците имаа можност подлабоко да размислат за значењето на среќата во нивниот живот.
Особено интересен момент беше активноста во која учениците на табла запишуваа збор, реченица или мисла што за нив претставува извор на среќа. Таблата се претвори во мозаик од искрени и инспиративни пораки, кои ја отсликуваа нивната креативност, автентичност и позитивна енергија.
Работилницата не само што го доближи предметот Филозофија до учениците, туку и поттикна критичко размислување, креативност и лична рефлексија. Оваа средба беше одлична можност младите да се запознаат со убавината на филозофското размислување и да ја почувствуваат неговата применливост во секојдневниот живот.


