Учениците од ООУ „Кочо Рацин” во посета на нашата Гимназија

Како дел од промотивните активности Гимназијата продолжува со организација на отворени денови.

На 27 март ги отворивме вратите за нашите гости – деветоодделенците од ООУ „Кочо Рацин“, кои присуствуваа на едукативен настан посветен на значењето и превенцијата на менталното здравје. Работилницата, реализирана под менторство на училишниот психолог, ја водеа ученичките од прва година: Љупка Бабачева, Сара Арсов и Мирјана Дејкоска.

Колку е важно да се грижиме за менталната хигиена, покрај секојдневната лична хигиена? Ова прашање беше во фокусот на активностите. Се потенцираше дека грижата за менталното здравје нема универзална формула – секој поединец пронаоѓа сопствени начини за воспоставување баланс, ослободување од негативните мисли и емоции и успешно справување со предизвиците на современото, динамично секојдневие.

Во рамки на посетата, гимназијалците ги прошетаа гостите низ училиштето, запознавајќи ги со кабинетите, училниците и нивните омилени катчиња, пренесувајќи ја автентичната атмосфера на гимназискиот живот.