Еразмус соработка –  Гимназијата како домаќин на job shadowing мобилности

Во текот на учебната 2025/2026 година, нашата Гимназија имаше чест да биде домаќин на повеќе групи ученици и професори од Карабук и Кастамону, Турција. Во рамките на „job shadowing“ активностите и групните мобилности од Еразмус+ проектите, како акредитирано училиште, гостите имаа можност да ја следат наставата, да ги споредуваат наставните програми со нивниот образовен систем и активно да учествуваат во едукативни работилници.

Работилниците беа посветени на значајни теми како селекција и рециклирање отпад, преработка на користени материјали во нови производи, како и подигање на свеста за зачувување на животната средина, во рамките на предметите биологија и хемија. Дополнително, во областа на информатиката се обработуваше темата за е-отпад.

Учениците од нашата Гимназија активно учествуваа во сите активности, а по завршувањето на работниот дел, со задоволство ги запознаваа гостите со локалните обичаи, традиции и култура, создавајќи пријателска и инспиративна атмосфера на заемно почитување и соработка.

Воедно, бевме домаќини и на двајца професори од Гент, Белгија, кои одржаа презентации и работилници на теми поврзани со одржливоста, стакленичките гасови, рециклирањето и климатските промени. Тие, исто така, присуствуваа на културниот настан по повод 8 Март, каде учениците презентираа свои трудови и имаа можност да ја претстават уметничката изложба со дела на тема „Успешни жени низ историјата“.

Овие активности претставуваат значаен придонес кон интернационализацијата на училиштето и развојот на меѓукултурните компетенции кај учениците и наставниците.