И оваа година имаме чест и задоволство да ве поканиме на голем мултикултурен настан кој ќе се одржи на 29.04.2026 година во 12:00 часот во дворот на нашата Гимназија.
Под мотото „Да живееме едни со други, а не едни покрај други“ ќе ви ја пренесеме силната порака дека со почитување на различностите ќе изградиме една средина на меѓусебна соработка и мултикултурно богатство. Во пријатна и динамична атмосфера, учениците и професорите ќе претстават програма исполнета со креативност, знаење и заедништво.
Овој настан ќе биде и Отворен ден на Гимназијата каде посетителите ќе имаат одлична можност да се запознаат со наставниот процес, работата и функционирањето на училиштето. Ќе се слуша музика и ќе се пеат песни на повеќе јазици, а уметничките и едукативните активности ќе бидат застапени преку цртање, сликање, јазични игри, научни експерименти и интерактивни содржини од различни области.
Настанот ќе понуди и креативни изработки инспирирани од математиката, физиката и хемијата, запознавање со историски личности, филозофски мисли, како и можност за „патување“ низ различни култури и образовни искуства, вклучително и програмата Еразмус+. Сето тоа е одраз на знаењата и вештините кои учениците ги стекнуваат во текот на наставата.
Учениците и професорите посветено работат цела година за да подготват интересни и оригинални содржини, преку кои секој актив ќе се претстави на најдобар можен начин.
Овој настан претставува одлична можност да се претставиме пред идните ученици, нивните родители и пошироката јавност, како и да го најавиме месец мај како продолжение на кампањата Отворени врати на Гимназијата.
Ги покануваме сите основци и нивните родители да нѐ посетат, да се запознаат со наставниот процес, да присуствуваат на часови и да поразговараат со учениците и професорите.
Им благодариме на сите ученици и професори за вложениот труд и ентузијазам, како и на сите гости кои ќе придонесат овој настан, кој се реализира со поддршка на Општина Охрид, да биде уште едно незаборавно искуство.

