Посета на Прва гимназија – Загреб, Хрватска

Од 11 до 14 Октомври 50 ученици и професорите Александар Димоски, Љупчо Аслимоски, Катерина Слатиноска и Марија Чанова  од гимназијата „Св.Климент Охридски“ од Охрид престојуваа во Загреб, Република Хрватска во рамките на соработката со Прва гимназија од Загреб. Соработката со оваа гимназија се одржува повеќе од 10 години и ова беше шести пат да се дружиме со колегите и учениците на ова престижно загребско училиште.  Учениците беа сместени кај ученици со што одблиску се запознаа со тамошната култура и начин на живот. Децата имаа време за индивидуални програми, а заедничката прoграма вклучуваше:

11.10.2018 (Четврток)

13ч Запознавање и поздравни говори на Директорката на Прва гимназија Загреб г-ѓа Дуња Марушиќ и професорот по историја г-дин Андрија Ловриќ.  На средбата ни беа поделени материјали за Хрватска и за Загреб, а беше организирана и закуска со храна и освежителни пијалоци  „у знак добродошлици“

20ч Отворање на изложба за Прва гимназија Загреб во Хрватскиот музеј на школството и образованието.На отворањето срдечно не поздравија како гости од Македонија, настап имаше нивниот хор, а во еден дел од изложбата беше прикажана соработката на нашите училишта од почетокот во 2007 година до денес.  И самите се потсетивме на интересните моменти од соработката, се разговараше на разни теми со многу колеги а се заврши со богат коктел.

12.102018 (Петок)

9ч  Пристигнавме во училиштето и нашите ученици беа поделени во групи и следеа настава заедно со нивните ученици. Беа опфатени предметите ликовна уметност, физика, историја и спорт, а се запознавме и со работата на библиотеката и волонтерскиот клуб кои ги води професорката по македонски јазик г-ѓа Тинка Крстева.

11ч-14ч Беше организирана генерална проба а во 13 ч започна заедничкиот концерт. Хорот на Прва гимназија Загреб под раководство на г-дин Марко Мајсторовиќ изведе 3 композиции , а потоа две солистки на нивното училиште настапија во дует. Следуваше програма подготвена од професорите Александар Димоски и Љупчо Аслимоски а изведена на нашите ученици кои се членови на училишниот хор и оркестар при што беа изведени четири македонски народни песни а потоа нашите ученици Марија Веровска и Огнен Секуловски ја изведоа песната „Цесарица“ од Оливер Драгоевиќ.

Целиот настан беше поздравен со големи аплаузи и помина во прекрасна атмосфера. На настапот беа разменати и подароци и поздрави. Директорката и колегите вклучени во проектот ги „изненадивме“ со прекрасно македонско вино, ајвар и локум, а тие ни возвратија со хрватско вино, маици и рачно изработени сувенири.

13.10.2018 (Сабота)

8ч Се упативме кон Самобор, помал град кој е споен со Загреб. За време на краткото патување слушавме предавање за природните убавини и историјата на овој регион. Патот не водеше низ Туропље ( познато по говедата тур) и  Света Недеља ( позната по прекрасен манастир).Низ прекрасното шеталиште и барокниот плоштад  на Самобор се упативме во Музејот на овој град. После разгледот на музејската поставка се собравме во задниот двор на Музејот каде  е поставена бистата на Кочо Рацин кој во овој град ја печател својата збирка Бели мугри.  Двајца ученици на Прва гимназија Загреб рецититраа стихови од песната Ленка а потоа професорот Ловриќ ја рецитираше песната Денови. Во мистичната атмосфера на ова за нас толку ново и непознато место и толку познат македонски поет, обвиени со голема доза на гордост со неговото дело сите наши ученици се вклучија во рецитирањето на песната Денови што направи исклучително необична и убава атмосфера. Во слободното време ги пробавме славните Самоборски кремшнити и уживавме во сонцето и погледот на Жумберачките планини.

17ч Организирани во 3 групи а водени од професори и ученици на историската секција се упативме во разглед на стариот дел на Загреб. Еве ги местата на кои се задржавме да ги слушнеме излагањата на нашите домаќини: плоштадот на Банот Јелачиќ, .изворот Мандушевац, макетата на Загреб, Загребската катедрала, Крвавиот мост, споменикот на Марија Јуриќ Загорка, пазарот Долац , Каменитата врата, плоштадот Свети Марко, црквата Свети Кирил и Методиј, манастирот Св.Катерина и топовската кула.

20ч Вечера на која професорите од двете училишта се дружеа во ресторан со тамбурашки оркестар.

14.10.2018 (Недела)

14ч По слободното претпладне се разделивме со домаќините. Раделбата беше исполнета со емоции и ветувања дека наскоро ќе ни ја возвратат посетата, а ние ќе се потрудиме да ги пречекаме со истото гостопримство.

Едукативно, забавно, емотивно, во убав град, со убави луѓе, со прекрасно сончево време . . . би можеле на кратко да ја опишеме оваа средба.

Благодариме Прва гимназија Загреб.