Преку „Еразмус +“ ученици и ментори од нашата Гимназија беа во Шпанија

Во рамките на проектот: „Поврзување на училиштата преку граници“ од веќе етаблираната програма „Еразмус плус“ во која Гимназијата „Св. Климент Охридски“ од Охрид има претходно позитивно искуство од 5 до 12 октомври 12 ученици и 4 ментори беа во посета на Малага, Шпанија.

Охридскиот тим го сочинуваа учениците: Елена Колевска, Љубица Јованоска, Тијана Дончевска,Ангелина Огненова, Анастасија Стојаноска, Анастасија Љуљкова,Екатерина Бочвароска, Илина Нестороска, Јана Петреска, Кристина Китрозоска, Мартин Симоноски и Михаил Секулоски

-Нашите ученици беа распоредени во шест Комитети во кои соработуваа со младинци од Полска, Холандија, Германија, Шпанија и Бугарија. Среќни сме и задоволни што тие постигнаа висок степен на знаење на англискиот јазик, но и во општата комуникација и пронаоѓања на решенија кои се важни за функционирањето на Европска Унија, вели координаторката на Проектот, професорката Даниела Спироска. Покрај неа во тимот беа и директорката на Гимназијата Весна Цветкоска, како и професорките Ана Коваческа и Вера Јовческа.

И додека учениците ги средуваат впечатоците од дружбата и покажаното знаење, признаваат дека нивните домаќини во Малага многу рационално и професионално го имаа организирано работното но и времето за одмор и прошетки. На пример: првиот ден беше исполнет со спортски активности преку кои младите најбрзо и најлесно се запознаа. Останатите два дена се работеше напорно во посебни сесии. Комитетите, креираа свои резолуции а учесниците имаа задача да ги презентираат на Генералното собрание и останатите да гласаат за нив.

-И во овој дел нашите ученци постигнаа одлични резултати. Ние сме посебно горди што тие беа извонредни оратори – говорници и во ништо не заостануваа зад другите, напротив беа лидери во нивните комитети, велат  професорките Коваческа и  Јовческа.

-Домаќините се потрудија да им ја доближат шпанската култура на гостите. Во културно – уметничката програма следеше посетата на градот Кордоба,кој единствен во светот има четири наследства заштитени од УНЕСКО.

Нашите ученици контактите со останатите младинци ќе ги продолжат преку социјалните мрежи а следната средба е закажана токму за во Охрид на почетокот од идната година, вели директорката на гимназијата Весна Цветкоска.

текст: Љубица Јованоска

видео: Анастасија Стојаноска