Нашите гимназијалци учесници на уште еден Еразмус + проект „Спортот и уметноста ја лечат душата“

Оваа учебна година охридската гимназија ја отпочна со учество во уште еден Еразмус+ проект. Се работи за проектот „Спортот и уметноста ја лечат душата“ во кој гимназијата учествува со училиштето „Франц Миклошиќ“ од Љутомер, Словенија и Гимназија Младеновац од Србија.

Проектот има повеќе цели, меѓу кои: да се ​​зајакне психолошката отпорност кај младите, да се мотивираат да имаат позитивна слика за себе, да се нагласат улогите на спортот и уметноста во справување со психичките проблеми. Исто така младите да се запознаат со ресурсите за помош кои им се достапни во локалната средина и да се охрабрат да ги користат. Проектот е поврзан и со општата цел на програмата Еразмус+, односно доживотното учење. Го поддржува личниот развој на младите, што , секако, влијае во зајакнувањето на општествениот развој затоа што само самоуверен, психолошки отпорен и независен млад човек може активно да учествува во развојот на европските иницијативи, да учествува и да одлучува во демократските процеси. Покрај тоа проектот поттикнува креативни и иновативни практики за учење и промовира меѓукултурен дијалог.

Првиот дел од активностите се одвиваше од 10. до 14. октомври во Словенија. Во активностите беа вклучени 14 ученици од охридската гимназија и професорките Даниела Спироска и Вера Јовческа. Во работилниците подготвени од професорите од гимназијата во Љутомер учествуваа 32 ученици од три различни држави кои низ неформални начини на учење развиваа различни компетенции поврзани со целите на проектот. Покрај тоа се дружеа разгледувајќи ги Љутомер, Раденци, Постојна Јама и Љубљана и на крај се забавуваа на прекрасниот концерт организиран од учениците од Љутомер.

Од какво значење се овие проекти за учениците споделија самите учесници.

„Еразмус ми донесе едно ново, прекрасно и незаборавно искуство каде што запознав многу нови пријатели, научив многу нови работи и би сакала повторно да го доживеам тоа. –  Ева Шумуликоска

„Проектот беше одлично реализиран и успеав да стекнам нови пријателства и добро да го запознам словенечкиот образовен систем. И претходно размислував да го продолжам моето школување на факултет во Словенија, но по овој проект сум уште посигурен.“ – Горазд Блажески

„За мене Еразмус програмата ми даде одлична можност да искусам нови работи. Научив да си верувам себеси. Не беше лесно да излезам од мојата комфорна зона, но сето тоа што се случуваше на патувањето дефинитивно ги зајакна моите лични вештини.“ – Климент Огненов

„Со дружба и забава заедно поминавме една прекрасна недела, во која се стекнав со многу нови пријателства, искусив многу нови работи и научив многу за моите другарчиња, но и за самата себе. Овој проект не само што нè збогати со знаења од дадената област туку и искуства кои никогаш нема да се заборават.“ – Јана Алексоска

„Патувањето на Еразмус+ проектот одржан во Словенија  за мене претставуваше нова можност за многу нови искуства, пријателства, авантури  и нова визија за нештата кои ги демонстрираа учесниците од гимназијата Љутомер. Нашата групна активност која што за мене остави силен впечаток е работилницата за театар на којашто се здобив со многу интересни вештини што имав можност да ги прикажам на самата сцена. Секоја работилница и нов час со децата за мене беше прекрасно поминато време каде што размислувавме, споделувавме идеи, креиравме и ја разбудивме кративноста во нас. Концертот на учениците од гимназијата како завршен настан ми беше омилен дел, со многу смеа, забава и музички настапи со кои се претставија сите  учесници од гимназијата . Проектот секогаш за мене ќе остане во убави сеќавања за едно убаво поминато време. – Бојана Суклоска

„Учеството на овој Еразмус+ проект за мене беше едно инзвонредно искуство како и патување кое секогаш ќе остане посебно и незаменливо. Со самото запознавање на нашите врсници од Србија и Словенија, целата еуфорија и адреналин за самиот проект и дружба стана поголем. Едноставно прекрасно е чувството да запознаеш луѓе на иста возраст, да се дружиш, да споделуваш и разменуваш идеи, случки, совети, размислувања од секој аспект на животот. Верувам дека овие пријателства кои ги стекнавме во тие пет дена ќе се одржуваат цврсти засекогаш. Сакам да изразам огромна благодарност до нашите професорки кои ни ја дадоа можноста за учество, како и до сите прекрасни луѓе кои ги запознав таму и кои таа петдневна авантура ми ја направија посебна.“ – Ема Наумоска

„ Овој Еразмус+ проект беше искуство што ми го промени животот. Не само што ми даде познавање на нов јазик, туку и ми овозможи да го искусам животот во странство и да стекнам многу нови пријатели, а исто така имаше големо влијание врз мојот личен и професионален развој. Беше толку незаборавно искуство што се надевам дека ќе ми се даде уште една шанса да го повторам во иднина.“ – Марија Наумоска

„ Ми беше чест и задоволство што бев дел од тимот кој учествуваше во проектот Еразмус. Прекрасно искуство исполнето со многу едукативни содржини,размена на искуства, дружба, забава и незаборавни моменти.“ – Даријан Ристески

И за останатите учесници Ѓорѓи Целески, Андреј Јанески, Андреј Трајкоски, Филип Секулоски, Нина Стевоска и Марија Војдиноска овој проект им овозможил да стекнат нови знаења и нови пријатели.

Проектот продолжува, а во април нашата гимназија ќе биде домаќин на следните работилници и дружба.

Линкот до веб страната од Гимназијата „Франц Миклошич“ со активностите на учениците кои зедоа учество во овој проект можете да го најдете ТУКА