Успешно реализирана уште една фаза од проектот „Let’s change the world with Renewable Energy”, во Изегем, Белгија

Во периодот од 21 до 25 ноември 2022 година, 3 наши ученички Ева Лекоска, Ана Томоска и Ана Бачиќ придружувани од прoфесорките Христина Кузманоска и Славка Јанеска успешно реализираа уште една фаза од проектот „Let’s change the world with Renewable Energy”, овој пат во Изегем, Белгија.

Домаќините, средното електротехничко училиште Prisma Campus VTI, имаа за задача да го претстават функционирањето на соларната енергија на партнер училиштата од Словенија, Полска, Турција, Латвија и Македонија, па така учесниците имаа можност да проследат како во овие земји се развиени системите на соларна енергија (соларни панели), предностите и недостатоците од нивната примена, споредба помеѓу целосно соларните и хибрид уредите, како и примена на електрични возила, трајноста на нивната батерија, можноста за нивно напојување, со колку станици за напојување располага секоја од државите, како и предностите и недостатоците од примената на електричните и хибрид возилата. Учесниците помеѓу себе дискутираа, разменуваа информации, коментираа и даваа различни предлози за користење на обновливите извори на енергија, а во практичниот дел од оваа мобилност, учесниците на работилница изработуваа кабли кои се користат во хибрид уредите за затоплување на домовите.

Покрај активностите во склоп на проектот, оваа посета на Белгија ја обележаа и посетата на музејот Eperon d’Or националниот музеј за чевли и четки сместен во прекрасно реставрирана фабрика за чевли во Арт Деко стил. Беше посетен и Музејот за пареа и електрична енергија, каде што се наоѓаше најголемата зачувана парна машина во Белгија, посета на соседното градче Roeselare и организирана посета на пиварницата Rodenbach која датира од 1821 година е карактеристична по производство на кисели пива од дабово буре во фламански црвен стил. Учесниците имаа можност да го проследат целиот процес на производство на пиво и да се стекнат со знаења од областа на биотехнологијата.

Неизбежна беше и посета на ветерницa во близина на градот Изегем каде што страна на инженери и оператори беше презентиран целиот процес, од започнување со изградба на една ветерница, сѐ до производство на електрична енергија од таа ветерница.

 Целиот престој се заокружи со посетата на градот Ипре (Ypres) познат како место на три главни битки во Првата светска војна каде учесниците имаа можност да бидат дел и од церемонијата The Last Post. Секоја вечер точно во 20 часот, под импозантните сводови на портата Менин се слуша „Последната објава“ од 1928 година, која претставува традиционален последен поздрав до паднатите борци, проследен со едноминутен молк, марш на армијата и свирка на труби.

Во рамките на овој проект, со синергијата создадена меѓу наставниците и учениците од различни образовни средини, преку споделување на знаења и искуство, се очекува да се донесат иновативни решенија за глобалниот проблем со загадувањето на животната средина и да ја зајакнат свесноста за штетните ефекти на фосилните горива врз животната средина.

Ова повторно беше едно збогатувачко искуство и за нашите ученици и за нашите професори кои ќе ги пренесат и научените информации и впечатоците на своите соученици и колеги за да ги инспирираат да учествуваат во вакви проекти во што поголем број.