Секој ден, низ целиот свет, многу ученици тивко страдаат под сенката на врсничко насилство – физичко, вербално, преку интернет. Зад секој ученик кој трпи или кој насилно се изразува, стојат скриени пораки за внимание, грижа и емпатија. Булингот не е само збор, туку сериозен предизвик за целото општество кој бара од нас, како родители и наставници, да бидеме гласници на промена.
Што можеме да направиме?
Во рамки на Еразмус + проектот „MUltiDIsciplinary design of parent and teacher training to prevent peer bullying – MUDI“, нашето училиште, заедно со партнерите од Италија, Холандија, Полска, Турција, Франција и Романија, веќе го направи првиот чекор. Во воведниот состанок со родители на учениците од прва и втора година, го претставивме проектот, целите и задачите. Оваа месечна соработка има за цел заеднички да го спречиме булингот и да создадеме безбедна средина за нашите деца. Според проектот, предвидено е да се одржат психолошко-педагошки работилници и во неколку основни училишта, каде што оваа тема најчесто започнува и продолжува понатаму во средното образование. Наша задача е да изградиме здрава, сигурна средина, во која секој ученик може да се чувствува заштитен, разбран и прифатен.
Како родителите и наставниците можат да препознаат знаци на булинг?
- Промени во однесувањето – Избегнување на училиште, изолација, тага или анксиозност.
- Намалена училишна активност – Влошување на оценки, губење интерес за учење.
- Нерасположение или агресивно однесување – Понекогаш и агресорите се деца кои носат сопствени болки.
Можеме ли заедно да направиме промена? Да, заедно како родители и наставници. Кога емоционалната достапност од страна на родителите и посветеноста на наставниците се здружуваат, децата ќе се чувствуваат сигурни, прифатени и поддржани. Ќе изработиме Прирачник за превенција од врсничко насилство кој ќе ни помогне да го препознаеме и спречиме насилството.
Апелираме до сите родители:
- Секогаш бидете отворени за комуникација со вашите деца.
- Не игнорирајте го секој знак на промена – тие се нивен повик за помош.
- Остварувајте блиска соработка со наставниците и училиштето, заеднички можеме да се бориме против овој проблем.
Секое дете заслужува да учи во средина без насилство. Затоа, да работиме заедно, за да ги воспоставиме темелите на училиште каде владеат разбирање, толеранција и емпатија.
Да бидеме пример за идните генерации – не само со зборови, туку со дела. Заедно можеме да создадеме подобро утре за нашите деца.


