Во продолжение ви ги претставуваме во целост наградените творби на конкурсот организиран од нашето училиште по повод патрониот празник. Им честитаме и им посакуваме уште повеќе успеси и инспирација.

Свети Климент - Светлината на Охрид Каква ли светлина свети во ноќта тивка, ако не таа на умот чист? Кој ли оган гори појасно, посветло од духот силен, непокорен, вистинит? Не беше ли Климент извор што од мракот полека бесчујно извира, за Охрид и словенските души, благослов и вековит дар? Зар ќе оставиме бледи да бидат зборовите, слаби и безгласни, кога тој зборуваше гласно со златен јазик, огнено јасен? Како што пролетта бесчујно , нежно ги буди лисјата на старите дабови, така и тој, раѓаше мудрост во срцата на уморните робови, на немоќните. Во минатите лета, охридските води беа нечујни,безгласни, неми, немаше книги, ни знаење, ни зборови племенити и слатки. Тогаш Климент стана штит и светлина меѓу нас слабите, сиромашните, го отвори патот кон мудроста, кон вечниот спас. Не беше ли неговиот труд макотрпен, како камен што на душа тежи? Зар не ја пожртвува тој својата крв за нашата иднина да се одржи? Но, не се поколеба, достоен на учењето – неговиот збор беше јасен и вечен, како планина што бурите ја надвиснуваат, но не се предава се крева, бескрајно се простира. Тој не беше само човек, туку стожер на нашата писменос и свет храм, и не беше само глас во дамнина, туку клин што времето го удира. Во секоја негова буква, во секој стих и секој спомен, Охрид свети и непрестајно сјае, како вечен сведок на неговиот пламен. По стапките на светите Кирил и Методиј - Климент продолжи, Учител, градител на цркви, овоштар и калемар вешт, Во „Св. Пантелејмон“ го положи своето срце за вечно, Свети Климент, орач на душите, светлина на народот свој. И така, излегувајќи од заборав, од темнина, од дамнина Климент ни даде бесценет дар, и словото стана наш дом, наш корен, наш олтар. Симона Димитриеска II-7 Прва награда
Светиклиментов град Трепери ноќта над светиот град, трепери под ѕвезден небесен свод, трепери со дамарот на уличните фенери. И мирис на темјан по тесните сокачиња, и мирис на восок од недогорена свеќа, и мирис на древност од дрвена порта. Овде се помешало минатото и сегашноста. Овде Стрмецот има чудна моќ. Овде со виното и нафората се слави светоста. По калдрмата вечерно Св. Климент чекори, со кандилце во рака чиниш мракот го брка. И шепоти слово, слово духовно. Кај стариот чинар Прличев беседи, на толпа народ против наезди и поганци. И шепоти слово, слово народно. Кај камените кули Патчев и Узунов стојат, со очи кој искрат љубов за ова парче напатена земја. И шепотат слово, слово бунтовно. Трепери зората во утробата на ноќта. Нов ден се раѓа и сонце се спрема, да огрее град и бисерно езеро бело. Софија Милевскa IV-7 Втора награда
За Климент Охридски Опоен мирис на верба во мојот град ти создаде, кон жеддните усни за ука, со внимание чаша подаде. Со благослов и со љубов, народот наш го помилува, со мелодијата на христијанството безнадежни души што смирува. И полека и ненаметливо мудроста своја тука ја раздели, со силна искра на трпение, на љубопитните совети подели. На народот му го осветли патот и стана од вечноста нераскинлив дел, заскитани души со твоја помош, се пронајдоа себе и својата цел. Во корените на историјата наша, твоето епохално дело сјае, како зрак во темнината црна, како спомен што вечно ќе трае. Јана Сиљаноска IV -7 Трета награда