Минатата недела, во склоп на активностите по повод славењето на патрониот празник Св. Климент Охридски, беа доделени наградите на победниците на литературниот конкурс за дела посветени на патронот, а кој го распиша Општина Охрид.
Првата награда, во категорија средношколци, ја освои нашиот ученик Иво Георгиески, ученик во III година.
Искрено му честитаме на Иво и му посакуваме уште многу успеси во животот.
Во продолжение ви го пренесуваме наградениот текст во целост.
Чудниот старец Гледам езеро сино во тивок здив што се буди и облаци цут бели на небото, како некој со прст да ги дели. Долу пак лебеди со очи ко бисери сјајни, в јато одат ко охридски танц да водат. Сонце наѕирка надеж блика, а на стара клупа под бреза жолта, еден старец книга држи... Како молитва да е... ја стега, ја гушка, не ја пушта и низ солза ми вели: „Чедо, земи ја... држи... носи ја и пази ја... овде е дрвеноста наша. Мириса на темјан и спокој, радост носи мастилото внатре, злато ли е...или светлина што грее? Отвори види... Овде нема само збор туку живот што тлее.“ И наеднаш ветер од југ задиве со топлина и сила. Страници како крилја се отворија и како сонце да ме огреја, блика... Чудна, моќна и мирисна од мастилото или темјаниот стар. Шепоти течат – древни, а живи. Некоја рака мудра и блага, секоја буква ја клала да не брани, да не радува, да нè грее. А бранот езерски удира и пее, чиниш се знае, чиниш мрежа плете, од чудесни зборови и мисли. „И тогаш... и сега, а утре, не знам, само сакам... – рече старецот тивко Оваа душа народна да живее и трае, дека таа не се дава, туку се пренесува милно. Земи ја чедо!“ – рече в шепот и исчезна во мигот. Чуден старец со книга чудна... Ме потсеќа на некој или така ми се чини? Заминува кротко, но со чекор силен. Или од букот на бранот е тоа или од зборот крилен. Сега чекорам јас со таа книга в раце ја притискам на гради тивко. Чинам срце ми топли и препознава букви што некогаш некој ги будел во мракот. А тој старец, со волшебно перо и збрчкана рака. Тој ли направи да се осеќам вака...? Таа мудрост од тие очи... тој глас... Не! Не верувам јас... И ја отворам пак таа книга, како магија што се стори. И ме обзема мир тивок што збори. Во секој ред го слушам шепот негов: „Чувај го словото, чедо... Зашто она што ќе го зачуваш, еден ден ќе те зачува тебе!“ Клименте учителе, те препознав, ТИ беше!!! И тогаш ја затворам книгата наша – не од крај, туку од почеток.