Свечена Академија по повод нашиот патронен празник

Свечената Академија по повод патрониот празник на нашата Гимназија, одржана под мотото „Имам сон“, помина во духот на инспирација, креативност и младинска визија.

Преку уметнички израз, слово и музика, учениците и наставниците го оживеаја идеалот за знаење, хуманост и верба во подобра иднина, достојно чествувајќи го ликот и делото на нашиот патрон и заштитник Св. Климент Охридски. Настанот остави силна порака дека секој сон започнува со идеја, а се остварува преку образование и заедништво.

Во тој дух, ви го пренесуваме говорот на директорката Светлана Велкоска:

Почитувани присутни, ценети гости, добро вечер!

Се собравме денес да му оддадеме почит на нашиот патрон, Свети Климент Охридски – човек, светител, просветител и учител кој го претвори сонот во трајна реалност.
 
Климент беше човек што веруваше дека секој има светлина во себе и дека таа светлина се разгорува преку знаењето. Неговиот сон беше едноставен, но возвишен: да им подари на луѓето писменост, мудрост, љубов и добрина.
 
Тој сон, започнат пред повеќе од илјада години, и денес живее во нашите училници. Живее во секоја книга што ја отвораме, во секоја буква што ја учиме, во секој ученик кој љубопитно чекори кон иднината.
 
Како директор на ова училиште, со гордост гледам дека духот на Климент е присутен меѓу нас. Го чувствуваме во посветеноста на наставниците, во трудот на учениците, во заедничката желба да создаваме подобро утре.
 
Свети Климентовото дело нè учи дека љубовта кон знаењето е сила што ги менува времињата. Дека писменоста е мост меѓу народите, а просветата е темел на секоја слободна и достоинствена заедница.
 
Затоа денес не ја славиме само историјата – го славиме и сонот што продолжува да нè води. И се обврзуваме да го чуваме. Да создадеме училиште во кое секој ученик ќе се чувствува охрабрено, поддржано и вредно.
 
Да им дадеме љубов на младите која гради карактер, знаење што го осветлува патот, и писменост што отвора врати кон светот. Така ќе продолжиме по патот што го трасираше нашиот патрон.
 
Нека денот на Свети Климент Охридски ни биде потсетник дека секој голем успех започнува со еден мал сон – а нашиот сон е да растат генерации учени, хумани и мудри луѓе.
 
Почитувани присутни, Ви благодариме што сте дел од оваа свеченост, и нека ни е честит празникот на нашиот патрон – Свети Климент Охридски, заштитник на нашето училиште, на нашиот град и на сиот македонски род!
 

Во продолжение, погледнете ги фотографиите и видеата од овој настан кој за нас значи кулминација на постигнувањата на кои работиме во текот на целата година.