Отворен ден: Гимназијата како мост кон иднината и жив мозаик од знаење, креативност и радости

Денес, точно напладне, дворот на нашата елитна Гимназија се претвори во жив мозаик од знаење, креативност и радосна енергија. Просторот пулсираше од големо присуство, преполн до последно катче со насмевки, гласови и инспирација што се прелеваше меѓу генерациите.

Голем број ученици од сите основни училишта не беа само гости, туку и вистински носители на духот на настанот. Со свои музички изведби на повеќе јазици тие ја обоија сцената со разновидност и младешка свежина.

Атмосферата ја збогатија и наставници од други училишта, случајни минувачи привлечени од енергијата на случувањето, претставници на Општина Охрид, како и најмалите гости од детската градинка, чија искреност внесе дополнителна топлина и радост. Имавме дури и гости од странство. 

Во духот на пријателството и отвореноста посетителите имаа можност лично да го доживеат заедништвото и културната разноликост на нашиот град и да се потсетат дека најубаво е „Да живееме едни со други, а не едни покрај други”.

Просторот одекнуваше од песни на различни јазици кои го раздвижија целиот двор, обединувајќи ги присутните во еден заеднички ритам. Во секој агол се случуваше нешто: цртежи и слики што оживуваа на хартија, јазични игри со зборови, искрени емоции преточени во креативност, странски јазици, хемиски експерименти, храна и традиција, историја и култура, спорт и рекреација, биологија и природни науки, броеви и формули по математика, физика, информатика. Сето тоа е дел од богатството на знаења и вештини што секојдневно се градат во нашата Гимназија, а денес добија своја жива, празнична форма.

Учениците и професорите од секој актив вложуваат огромен труд и посветеност за сето она што се работи во текот на целата година, достојно да се претстави како мал свет за себе, свет на идеи, труд и креативна енергија.

Настанот беше и мост кон иднината: можност Гимназијата да се претстави пред идните ученици, нивните родители и пошироката јавност. Воедно, беше најавен и месец мај како продолжение на кампањата Отворени денови на Гимназијата, време во кое основците ќе можат да ја почувствуваат атмосферата на училиштето, да посетат часови и да разговараат со професори и ученици и од прва рака да го доживеат искуството: Да се биде гимназијалец!

На крај, со искрена благодарност им оддаваме признание на сите ученици, професори и организатори за нивната посветеност, како и на сите гости кои со своето присуство го направија овој ден повеќе од настан, го направија искуство што се памети.