Гимназијалците во Романија на Erasmus+ проект

Нашите гимназијалци беа дел од Еразмус+ проектот „The Small Big Changes“, кој се реализираше од 4 до 8 мај во Фагет, Романија. Во оваа мобилност учествуваа пет ученици и две професорки, а проектот ни овозможи да стекнеме нови искуства, да ги прошириме нашите знаења и да се запознаеме со европските вредности поврзани со одржливиот развој.

Во проектот учествуваа ученици и наставници од повеќе европски земји – Романија, Македонија, Шпанија, Португалија, Латвија и Турција, што овозможи вистинска културна размена, споделување различни идеи и создавање нови меѓународни пријателства.

Уште од првиот ден бевме топло пречекани во училиштето домаќин, каде што присуствувавме на свечено добредојде и презентации од учениците од земјите учеснички. Секој тим ја претстави својата држава и своите активности поврзани со темата на проектот, што ни овозможи подобро меѓусебно запознавање и размена на идеи.

Главниот фокус на оваа мобилност беше темата ,,fast fashion” и нејзиното влијание врз животната средина. Преку различни работилници и дискусии научивме како прекумерното производство на облека влијае врз природните ресурси и колку е важно да се насочиме кон одговорно купување и рециклирање.

Особено интересна беше практичната работилница, каде што изработувавме торби од стари навлаки за перници и други рециклирачки материјали. Оваа активност ни покажа дека со малку креативност старите предмети можат да добијат нова намена и повторно да се користат на корисен начин.

Исто така, работевме на креативен проект на хамер, преку кој ја споредувавме традиционалната македонска носија со современата мода. Преку оваа задача ја истакнавме убавината на нашето културно наследство и покажавме како традиционалните елементи можат да бидат инспирација за модерниот стил.

Во текот на престојот имавме можност да посетиме значајни и интересни места. Го посетивме историскиот град Алба Јулија, каде што се запознавме со богатата романска историја и културното наследство, како и културниот центар „Августин Бена“, каде што видовме традиционални занаети и рачни изработки.

Незаборавна беше и посетата на Темишвар, каде што преку анализа на познати трговски центри имавме можност практично да ја истражиме темата за глобалните брендови и потрошувачките навики.

Дополнително, го посетивме и езерото Сурдук, каде што преку разговори и активности дискутиравме за влијанието на модната индустрија врз природата и потребата од одговорен однос кон животната средина.

Во текот на сите активности стекнавме практични знаења и нови перспективи за тоа како секојдневните избори влијаат врз животната средина. Преку тимската работа, креативните задачи и заедничките дискусии научивме дека одржливоста започнува од малите промени во нашето секојдневие. Ова искуство нè мотивираше повеќе да размислуваме за одговорно користење на ресурсите и за начини на кои можеме активно да придонесеме за подобра иднина.

Покрај едукативниот дел, проектот беше исполнет и со дружење, размена на култури и создавање нови пријателства со ученици од сите земји учеснички.

Ова Еразмус+ искуство ни покажа дека малите чекори навистина водат кон големи промени и нè мотивираше да продолжиме да размислуваме одговорно, креативно и одржливо. Благодарни сме што бевме дел од оваа инспиративна приказна.