Гимназијалците на настан во претседателската вила

Во пресрет на Меѓународниот ден на младите, педагогот Кристина Танеска, заедно со ученици од нашата Гимназија, присуствуваше на тематската дискусија „Меѓуврсничко насилство и вандализам: Млади, училишта и дигитална одговорност“, која се одржа во претседателската вила „Билјана“ во Охрид.

По воведното обраќање на претседателката на Република Северна Македонија, Гордана Силјановска-Давкова, на настанот присуствуваше и министерката за образование и наука Весна Јаневска, заедно со претставници на институциите, стручната јавност и младинскиот сектор.

Во рамки на дискусијата беа разгледани значајни и актуелни прашања поврзани со меѓуврсничкото насилство и вандализмот, улогата и одговорноста на училиштето, како и потребата од одговорно и безбедно однесување на младите во дигиталниот простор.

Нашите ученици имаа можност да слушнат различни перспективи, да се запознаат со актуелните предизвици со кои се соочуваат младите и активно да учествуваат во отворена дискусија за нивното надминување.

Учеството на вакви настани е значаен дел од воспитно-образовниот процес, бидејќи им овозможува на учениците да стекнуваат нови знаења, да развиваат критичко размислување и да ја зајакнуваат својата свест за личната и општествената одговорност.

Како Гимназија, продолжуваме да ги охрабруваме нашите ученици да бидат активни, информирани и одговорни млади луѓе кои со своето однесување придонесуваат кон создавање побезбедна, инклузивна и позитивна училишна и општествена средина.