Гимназијалците дел од настан за промоција на младински дигитални претприемнички идеи

Со цел да ги прошират своите знаења, да се запознаат со новите можности што ги нудат дигиталните технологии и да се инспирираат од креативноста и иновативноста на своите врсници, ученици од III година од нашата Гимназија присуствуваа на финалниот настан за промоција на младински дигитални претприемнички идеи – Pitch Event, организиран во Младинскиот центар Охрид.

Настанот, организиран од Младинскиот центар Охрид и Коалицијата на младински организации СЕГА, им овозможи на младите од Охрид, Битола и Гостивар да ги претстават своите девет дигитални претприемнички иницијативи, развиени во рамки на петмесечен инкубатор. Презентираните идеи беа насочени кон создавање иновативни решенија за реални потреби во заедницата, особено во областите на образованието, културата и животната средина.

За нашите ученици, ова беше одлична можност одблиску да се запознаат со начинот на кој една идеја може да прерасне во конкретен проект, да слушнат како нивните врсници размислуваат и создаваат, но и да откријат нови можности за сопствен креативен и професионален развој. Преку презентациите, тие имаа можност да се инспирираат од младинската иницијативност, дигиталното творештво и примената на технологијата во решавањето на предизвиците од секојдневниот живот.

Ваквите настани претставуваат значаен поттик за развивање на претприемачкиот дух, критичкото размислување, креативноста и проактивноста кај младите. Тие покажуваат дека со добра идеја, знаење, соработка и упорност, младите можат да бидат двигатели на позитивни промени во својата заедница.

Продолжуваме да ги поддржуваме иницијативите што им овозможуваат на нашите ученици да учат, да истражуваат, да се инспирираат и да ги откриваат можностите што ги нуди светот на дигиталните технологии и иновациите.