Во рамките на проектот Еразмус+, нашиот тим од гимназијата, од 24-28 октомври, имаше можност да учествува на Еразмус + проектот „LITER LITER ECOLOGICAL ENVIRONMENT“ во прекрасниот Клуж Напока, Романија. Оваа програма нè поведе на уникатно патување каде што заедно со ученици од различни европски земји, учевме и создававме проекти за заштита на животната средина, лична одговорност и одржливост.


Првите активности започнаа со креативни работилници и ледоломци, кои ни помогнаа поблиску да ги запознаеме нашите нови пријатели. Имавме можност да учиме едни од други и да разменуваме културни идеи додека заедно работевме на активности поврзани со рециклирање и еко-свесност.
Во еден од проектите создадовме миризливи свеќи од отпадно масло – нешто што инаку би завршило како штетен отпад. Ова ни помогна да сфатиме дека секој отпаден материјал може да се претвори во корисен производ и со тоа директно да придонесеме за помало загадување. Следната активност ни даде задача да изработиме еколошки салфетки за повеќекратна употреба, кои се практични и ја заменуваат потребата од пластични или хартиени материјали.




Покрај работилниците, имавме и незаборавни екскурзии до фабриката за прочистување вода, музејот на вода и прекрасните предели на езерото Тарница и реката Ариеш. На овие локации дознавме многу за циклусот на водата и како чистата вода е клучен ресурс за секојдневниот живот. Посетата на UNESCO локалитетот Риметеа беше посебен момент на инспирација, каде што природата и историјата се испреплетуваат во една уникатна целина.
Како дел од програмата, беше организирано кулинарско натпреварување каде што, во парови, создававме видеа за промовирање на алтернативни и одржливи техники во кујната. Преку оваа активност научивме нови начини за користење на растителното масло на еколошки начин, додека истовремено развивавме креативност и тимски дух.
На крајот на проектот следуваше свечена завршна церемонија и културна вечер со локални трансилвански специјалитети. Во таа прекрасна атмосфера ја споделивме радоста на победата – нашиот тим го освои првото место во гласањето за најдобро видео! Ова е големо признание за сите нас и доказ дека заедничката работа и посветеноста секогаш водат до успех.



Горди сме на нашиот тим и на искуствата што ги стекнавме. Овој проект ни покажа дека секој може да придонесе за одржлива иднина, а нашето патување допрва започнува!