Нашиот ученик Иво Георгиески добитник на 1 награда на општинскиот литературен конкурс

Минатата недела, во склоп на активностите по повод славењето на патрониот празник Св. Климент Охридски, беа доделени наградите на победниците на литературниот конкурс за дела посветени на патронот, а кој го распиша Општина Охрид.

Првата награда, во категорија средношколци, ја освои нашиот ученик Иво Георгиески, ученик во III година.

Искрено му честитаме на Иво и му посакуваме уште многу успеси во животот.

Во продолжение ви го пренесуваме наградениот текст во целост.

Чудниот старец

Гледам езеро сино во тивок здив што се буди
и облаци цут бели на небото,
како некој со прст да ги дели.
Долу пак лебеди со очи ко бисери сјајни,
в јато одат ко охридски танц да водат.

Сонце наѕирка надеж блика,
а на стара клупа под бреза жолта,
еден старец книга држи...
Како молитва да е... ја стега, ја гушка, не ја пушта
и низ солза ми вели:

„Чедо, земи ја... држи... носи ја и пази ја...
овде е дрвеноста наша.

Мириса на темјан и спокој,
радост носи мастилото внатре,
злато ли е...или светлина што грее?
Отвори види...
Овде нема само збор туку живот што тлее.“

И наеднаш ветер од југ задиве со топлина и сила.
Страници како крилја се отворија
и како сонце да ме огреја, блика...
Чудна, моќна и мирисна
од мастилото или темјаниот стар.
Шепоти течат – древни, а живи.
Некоја рака мудра и блага,
секоја буква ја клала да не брани,
да не радува, да нè грее.

А бранот езерски удира и пее,
чиниш се знае,
чиниш мрежа плете,
од чудесни зборови и мисли.

„И тогаш... и сега, а утре, не знам,
само сакам... – рече старецот тивко
Оваа душа народна да живее и трае,
дека таа не се дава, туку се пренесува милно.
Земи ја чедо!“ – рече в шепот и исчезна во мигот.

Чуден старец со книга чудна...
Ме потсеќа на некој или така ми се чини?
Заминува кротко, но со чекор силен.
Или од букот на бранот е тоа
или од зборот крилен.

Сега чекорам јас со таа книга в раце
ја притискам на гради тивко.
Чинам срце ми топли и препознава букви
што некогаш некој ги будел во мракот.
А тој старец, со волшебно перо и збрчкана рака.
Тој ли направи да се осеќам вака...?
Таа мудрост од тие очи... тој глас...
Не! Не верувам јас...

И ја отворам пак таа книга,
како магија што се стори.
И ме обзема мир тивок што збори.
Во секој ред го слушам шепот негов:
„Чувај го словото, чедо...
Зашто она што ќе го зачуваш,
еден ден ќе те зачува тебе!“

Клименте учителе, те препознав, ТИ беше!!!
И тогаш ја затворам книгата наша – не од крај,
туку од почеток.