Eразмус+ посета од Турција

Охридската гимназија оваа работна седмица беше домаќин на 22 ученика и 7 наставници од областа Карабук, Турција, во рамки на Erasmus + проектот “Don’t be BULLY, be friend FULLY“. Во проектните активности се вклучија 20 наши ученици од втора, трета и четврта година, како и наставничкиот кадар кој сподели искуства и размени практики со колегите од Турција. Беа изведувани активности за јакнење на меѓусебната поддршка, прифаќање на културните нееднаквости, неоправдување на меѓуврсничкото насилство, како и спортски активности кои имаа за цел да го зајакнат духот за тимска работа. На вториот ден беше изведено заедничко патување до Заливот на Коските и манастирот Св. Наум, а низ останатите денови нашиот тим, покрај проектните активности, ги водеше гостите од Турција на повеќе културни манифестации кои во моментот се збиднуваа во Охрид, меѓу кои се Завршниот концерт на Академијата за Гитари и Концертот по повод 10 години обновен Ансамбл Билјана.

Нашето училиште веќе има реализирано еден Erasmus + проект со училиште од Јениџе во областа Карабук, и оваа посета беше во рамки на Еразмус акредитација која нашиот Турски партнер ја добил од Турската Национална Агенција за Европски образовни програми и мобилност. Меѓу наставниот кадар кој беше вклучен во оваа нивна посета остваривме контакти за идни соработки со повеќе училишта од областа Карабук, но и вредни пријателства и помеѓу учениците, и помеѓу наставниците.