Отворен ден на Гимназијата: Кога уметноста и музиката создаваат магија

Во рамки на Отворениот ден на нашата Гимназија, активите по ликовна и музичка уметност подготвија вистинско доживување исполнето со креативност, талент и прекрасна атмосфера!

Нашите гимназијалци со поддршка на професорите од активот по ликовна уметност ја покажаа уметноста на дело, цртајќи и сликајќи на штафелаи пред посетителите, кои имаа можност одблиску да ја почувствуваат нивната креативност и инспирација.
За гостите беа подготвени и уникатни подароци – изработки од глина, рачно создадени од нашите талентирани ученици.

Активот по музичка уметност приреди богата музичка програма исполнета со емоции, музика и позитивна енергија.
Посебно задоволство беше учеството на ученици – гости од основните училишта, кои се претставија со изведби на различни јазици, покажувајќи љубов кон музиката и својот талент. Прекрасната атмосфера ја збогати и настапот на училишниот оркестар, кој со својата музика внесе дополнителна свеченост и уживање за сите присутни.

Отворениот ден уште еднаш покажа дека нашата Гимназија е место каде што талентот, уметноста и креативноста постојано се негуваат и развиваат.