„Азбука на менталното здравје” по повод Светскиот ден на менталното здравје

Нашата Гимназија се приклучи на одбележувањето на Светскиот ден на менталното здравје – 10 октомври, како дел од серијата настани организирани низ земјата од Комората на психолози на Македонија, со промоција на е-прирачник наречен „Азбука на менталното здравје”. На работилница одржана од психологот Алберта Гулицовска, учениците се запознаа со термини кои можеби секојдневно ги слушаме но не им придаваме особено внимание, а се важни за нашето ментално здравје.

Низ дискусијата се истакна дека за оптимално ментално здравје на личен план сме во одредена мерка одговорни и самите со практикување на менталната хигиена, како и дека сите ја правиме средината пријатна и хармонична или токсична и деструктивна.

Кокреатори сме на нашето секојдневие и реалноста што ја живееме. Градење на здрава и поддржувачка средина е задача на секој еден од нас – затоа ја плетеме мрежата на поддршка.