Посета на Словенска Бистрица во рамките на Еразмус+ проект

Во рамките на проектот “Let’s change the world with renewable energy” или “Да го промениме светот со обновлива енергија” и под раководство на професорките Надица Николоска и Александра Томоска, 5 наши ученички Ангелина Огненова, Јана Петреска, Евгенија Стојановска, Елена Софкоска и Анастасија Љулкова беа дел од заедничките активности во Словенска Бистрица, Република Словенија од 6 до 12 декември 2021 година.

Словенија е прогласена за најчиста земја на светот во 2021 година, што значи има што да се научи во однос на чиста животна средина и справување со отпад. На работилниците на кои учествуваа ученичките главно се разменуваа искуства и практики за рециклирање и реупотреба на отпад.

Во рамките на предвидените активности беше и посетата на центарот за справување со опасен отпад Saubermacher, во близина на Словенска Бистрица каде видовме како отпадот кој може да наштети на животната средина се претвора во безопасен краен продукт и профит.

“Секоја од земјите учеснички во проектот допринесува со свои искуства од областа на обновнливите енергии, но ваквите проекти се многу повеќе од тоа. Дружбата и комуникацијата со ученици и колеги од различни европски земји нè збогатуваат со знаења не само од дадената област туку и искуства воопшто од животот.”-  вели Надица Николоска професорката одговорна за проектот.  

Покрај организирините активности во духот на темата, не изостанаа и културолошки посети на Птуј, Марибор и Љубљана како и дружбата со партнерите од Полска, Латвија,Турција и Белгија.

“Оваа прва средба нè мотивира да работиме уште подобро и уште повеќе. И ние како професори, но и учениците на кои сме горди се подготвени за идните средби чија реазлизација е предвидена за идната 2022 година.”- вели професорката Александра Томоска.