„Секој заслужува да ја почувствува празничната магија“ – хуманитарна акција на Младинската заедница при Гимназијата

Под мотото „Секој заслужува да ја почувствува празничната магија“, Младинската заедница при Гимназијата ОСУ „Св. Климент Охридски“ – Охрид, раководена од страна на стручната служба во училиштето,  Декември месец го посвети на хуманоста и солидарноста. Преку собирната акцијата „Слатка среќа“ во периодот од 15 до 26 Декември, вработените и учениците имаа можност да купат некои производи од утврдената листа и да ги остават во кутијата пред влезот на училиштето.

Од Младинската заедница велат дека оваа акција поминала повеќе од успешно. Успеаа да соберат доволно производи за да направат околу 40  пакетчиња кои во средата (29/12/2021) беа доставени во регионалниот центар за рани интервенции и третман кај деца со нарушување од аутистичен спекар во склоп на Општата болница во Охрид.

Инаку, ова е вториот регионален центар за третман на деца со аутизам отворено со поддршка на Здружението на граѓани за третман на лица со аутизам, АДХД и Аспергеров синдром „ВО МОЈОТ СВЕТ“. Овој центар располага со дефектолошки и логопедски кабинети кои се опремени со разновидни дидактички материјали  соодветни за потребите на децата, сензомоторна и мултисензорна соба.