Завршна средба на Еразмус+ проектот “Go green include me in” во Агилас, Шпанија

Последната средба од Еразмус+ проектот “Go green include me in” се одржа во Агилас, Шпанија од 29 септември до 4 октомври 2024 година каде што четири наши ученици: Исидора Маркоска, Дарио Павлески, Илија Волканоски и Бојан Секулоски предводени од професорките Надица Н. Филипоски и Александра Томоска учеа за циркуларна економија и зазеленување на урбаните средини како ефикасни чекори во борбата со климатските промени.

Работниот дел на оваа мобилност се состоеше од:

– предавање и работилница во врска со зелени гестови и еко решенија на постоечките проблеми во животната средина на универзитетот во Мурсија каде учесниците слушнаа, но и понудија иновативни идеи за спречување на климатските промени.

– посета на постројка за десалинизација каде што од морската вода, со помош на најразлични хемиски и физички процеси, се добива вода за пиење или вода за наводнување на околните полиња.

– посета на единствената пустина во Европа, Табернас, каде што се наоѓа најголемиот истражувачки центар за соларна и топлотна енергија во Европа. Тука, учесниците имаа можност практично да го увидат влијанието и моќноста на сончевите зраци преку едноставни експерименти со стакленца и огледала, нешто што е предмет на истражување на овој институт со цел максимално искористување на овој обновлив и еколошки извор на енергија.

– креативна работилница за пренамена на стари ткаенини и изработка на торби со која се стави акцент на важноста на реупотреба на материјалите како гест за намалување на загадувањето на околината.

Секако, покрај работниот дел, неизбежен беше и делот посветен за дружба и запознавање со културата, историјата и традицијата на Шпанија. Еден топол пречек од домаќините како заокружување на овој проект посветен на екологијата од кој што излеговме побогати за неколку култури и пријателства но и мотивирани сè она што го научивме да го примениме во нашето училиште, нашиот град и нашата држава.